Вујовиќ: Енергијата од трибините беше наша водилка до победата!

Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 ја прокнижи првата победа во ракометната Лига на шампиони. По ремито кај Елверум, во Скопје падна Мешков Брест (35-27). По натпреварот, тренерот Веселин Вујовиќ им честита на своите играчи кои забележаа важен триумф, иако беа без неколку првотимци и воедно ѝ се заблагодари на публиката.

„Се плашев од овој меч, затоа што знам каква екипа е Мешков и многу ја ценам. Ние го отворивме дуелот доста мотивирано, ни помогнаа неколку сјајни одбрани на Томовски и атмосферата од трибините. Така бевме носени со таа енергија, нашите шутери беа расположени и тоа беше тоа. Кога променија во таа фаза 5-1, морав да менувам со Дибиров и Гаџа некоја тактика во средината затоа што браќата Њокас уште не се воиграни.

Сепак, морам да потенцирам дека Мешков Брест има повредени играчи и ние ја искористивме таа ситуација. На противникот му посакувам среќа во наредните натпревари“, изјави Вујовиќ по натпреварот.

Вардар во третото коло од ракометната елита повторно го чека домашен натпревар. Во СЦ „Јане Сандански“ гостува перфектниот Алборг, кој досега има две победи на две средби (29 септември).