Вујовиќ: Би сакал Кил да гостува во најсилен состав, така ќе го покажеме нашиот квалитет

Македонскиот првак Вардар 1961 е во криза, кога се во прашање мечевите во Лигата на шампионите. Нашиот претставник во елитното натпреварување загуби на последните две средби, против Монпелје дома и на гости кај Алборг.

Следува тежок дуел против Кил во СЦ „Јане Сандански“. Веселин Вујовиќ пред мечот вели дека неговиот тим има простор да напредува.

„Кил ќе гостува во Скопје кога не игра во најдобра форма. Има проблеми со неколку играчи, но јас би сакал да ни гостува во полн состав, што ќе ни даде можност да го покажеме нашиот вистински квалитет. Сакаме да победуваме и кога не играме најдобро, а не само кога играме пред убава атмосфера во салата. Вардар е нова екипа и има простор да напредува. Против Алборг прикажавме добра игра, го загубивме мечот поради нашите грешки, кои противникот максимално ги казни“, изјави црногорскиот стручњак.

Бундеслигашот е во серија од четири победи против вардарци. Македонскиот тим последното славје го запиша пред три години, кога минимално победи на гостински терен.

Мечот меѓу Вардар 1961 и Кил се игра в среда во 20:45 часот.