Вујо: Заминувам поради имотно-правни односи, не би било фер да останам

Веселин Вујовиќ повторно го напушти ППД Загреб, овојпат по само осум месеци и неполна една сезона на клупата. 

<<< - ПОВРЗАНО - Веселин Вујовиќ по само осум месеци се раздели со ППД Загреб

Иако со хрватската екипа потпиша тригодишен договор, истиот нема да го испочитува, а тој за локалните медиуми обелодени кои се причините за заминувањето. Популарниот Вујо има проблеми со земјиште, за кое во процес му се мерења и често мора да патува. 

„Се обидовме да се договориме со Загреб, но тоа беше мачење и за клубот и за мене. Јас бев фер и им кажав доколку имаат тренер кој ги задоволува критериумите, веднаш да го потпишат. Би можел да се вратам за четири-пет месеци доколку ги решам проблемите. 

Се работи за имотно-правни односи. Ангажирав адвокати, но морам често да бидам на лице место, бидејќи се работи за мерења. Дел од земјата е во Црна Гора, а поголем во Србија

Немаше да биде фер кон клубот да останам тренер. Јас немаше да можам да се посветам на припремите за новата сезона како што треба, се разделивме во добри односи“, изјави за „24 сата“ Вујовиќ. 

Поранешниот тренер на Вардар и претходно ја водеше истата екипа, кога од 2014 до 2016 беше предводник на Загреб. Сепак, таа епизода беше далеку поуспешна, бидејќи сегашниот ростер го фати во фаза на подмладување, па за резултати мора да се почека.