Вујо: Задоволува само загревањето, некои играчи мора да се замислат!

Веселин Вујовиќ, тренерот на Вардар 1961, по поразот од Еурофарм Пелистер (22-31) во Суперкупот имаше многу замерки на играта на своите избраници, посебно на македонските ракометари кои не го исполниле очекуваното.

Црногорецот коментира во свој стил и кажа дека е задоволен само од загревањето и дека нема ништо што задоволува по пораз од девет разлика. Свесен е дека со Гурбиндо, Кудуз и двајцата Французи, Вардар ќе биде друга екипа, меѓутоа посочи дека ова е добро предупредување за некои играчи кои го носат „црвено-црниот“ дрес.

„Немам ниедна замерка на победата на Еурофарм Пелистер. Ова е првиот меч од оние многу кои нè очекуваат многу оваа година. Некои играчи се далеку од енергијата која е потребна Вардар да биде она кое е. Можеби ова е добро предупредување на почетокот. Има уште многу во играта за промена, ама некои играчи ќе мора да се замислат дали ќе може да го носат дресот на Вардар.

Ни фалеше Гурбиндо, тука ќе биде и Кудуз на следниот меч, исто и двајцата Французи. Сигурно дека со нив ќе биде поинаков тимот. Но, ќе повторам, нè чека долг пат. Од што сум задоволен од овој натпревар? Од ништо, само од загревањето. Што може да се каже по толку висок пораз од девет разлика?

Незадоволен сум посебно од македонските играчи, на кои многу посветувам време, вложувам и на нив сметам, а покажаа дека се далеку од квалитетот. Ако продолжат вака сите сме во големи проблеми“, изјави легендарниот тренер.

Вардар 1961 сега патува за Струга, каде ќе настапи на Струшкиот турнир и ќе гради појасна слика за ростерот кој го поседува.