Вујо: Вардар не личеше на себе, целиот тим потфрли!

Веселин Вујовиќ може да биде задоволен од атмосферата која ја побара, но не и од изданието на своите ракометари во Лигата на шампионите. Вардар 1961 на домашен терен како фаворит загуби од Монпелје и го доживеа првиот неуспех сезонава во елитата (25-31).

По дуелот на прес-конференцијата Црногорецот говореше за средбата и истакна дека вардарци не личеле на себе и биле далеку од нивото на кое играле во претходните три кола кога редеа позитивни резултати.

„Прво, сакам да ѝ честитам на екипата на Монпелје која заслужено победи. Во ниеден момент и сегмент на играта не му париравме на ривалот. Вардар не личеше на екипата од првите три кола. Жалам затоа што не ја наградивме добрата атмосфера. Монпелје мора да се респектира, го победи Кил и тоа е тим кој доаѓа од Франција, земја каде се игра врвен ракомет. Целиот тим потфрли, така што мора да анализираме што беше проблемот, да се кренеме и да продолжиме понатаму во ова долго натпреварување, затоа што има уште долго да се игра.

Искрено, јас сум среќен што денес не игравме со Бутел, затоа што ваков меч ќе загубевме и од Бутел. Она што денес го направија нашите бекови, технички грешки, промашени шутеви и слично... не е дека го потценувам Бутел, но ќе загубеевме од било која екипа од македонската лига. Си помисливме дека сме многу силни, дека кој и да дојде во оваа сала ќе падне и дека сме најдобри. Ова е добра шлаканица за нас. Имаме пет бодови по четири средби, тоа и не е така лошо затоа што некои екипи немаат бод, но мора да бидеме цврсто на земја, затоа што ќе дојдат и лоши времиња. Ете, тие како да дојдоа денес, па ќе видиме колку сме силни да се подигнеме“, изјави популарниот Вујо.

Вардар за седум дена во Лигата на шампионите гостува во Данска каде ќе се соочи со Алборг, а претходно го чекаат домашни обврски против Тинекс Пролет. Монпелје, пак, во следното коло ќе му биде домаќин на фенерџијата Мешков Брест.