Вујо се враќа во Вардар во „пакет“ со нов лев бек!

Македонскиот ракометен првак Вардар многу веројатно во следната сезона ќе има старо-нов тренер на клупата. Веселин Вујовиќ се враќа во Скопје, информацијата ја објави српски „Мондо“, повикувајќи се на извори блиски до бањалучкиот клуб.

Без разлика дали Вујо со Борац Бања Лука ќе ја освои титулата во БиХ, ќе си замине од екипата. Од повеќе различни извори на „Мондо“, потврдено е дека Вујовиќ си оди од клубот и нема да го продолжи петмесечниот договор кој го потпиша пред извесен период и на клупата на Вардар ќе седне на местото на Стевче Алушовски.

Заедно со Вујо српскиот медиуми пишува дека во Вардар ќе пристигне 18-годишниот Милош Кос од Извиѓач, инаку ракометар кој настапува на левата бековска позиција и е еден од најдобрите стрелци на екипата.

Доколку оваа информација добие и потврда, тогаш Вујовиќ по трет пат во кариерата ќе седне на клупата на Вардар. Првпат тој беше на чело на клубот од 2006 до 2009, а потоа од 2011 до 2013 година.