Вујо: Проблем на Македонија е што нема кој да го замени Кире Лазаров!

Веселин Вујовиќ со својот Железничар успеа да победи на гостински терен кај Металург (29-30) во рамки на СЕХА-лигата, а по натпреварот изрази задоволство од прикажаната игра на својот тим кој беше без главниот ракометар Предраг Вејин, кој доби црвен картон.

„Сакам да му честитам на Металург за коректната игра. Имавме проблем со исклучувањето на Вејин. Немаме ростер за да поднесеме такви работи. Напорно е за младите екипи да играат на два фронта, како на пример Металург во ЛШ и во СЕХА. Имаше многу грешки, судењето исто така беше „таму-ваму“, бевме подобри за еден гол, но не сум задоволен од играта. Се надевам дека Металург ќе остане голем тим каков што беше и дека ќе се среди се, за доброто на македонскиот ракомет“, изјави Вујовиќ.

Не можеше, а да не се праша големиот стратег, што мисли за македонскиот ракомет во моментов. Имаше шанса да игра против Вардар и против Металург во СЕХА-лигата, а будно ги следи и другите клубови како Еурофарм Работник и Пелистер.

„Во Македонија играат многу врвни играчи. Може тука да е проблем што нема кој да го замени Кирил Лазаров. Тоа е најголемиот проблем. Гледам добри играчи на сите позиции, како голман, пивот, крила..., но на таа позиција не. Затоа треба да се поддржат проектите со младите. Тешко е да се гради екипа преку ноќ. Не може во главната ротација да се има играчи со 16 или 17 години. Се надевам дека Брестовац ќе има трпение со овој проект. Македонскиот ракомет е во подем, добро е што покрај Вардар и Металург, има тим и како Еурофарм Работник кој вложува, па добро би било да се врати и Пелистер, за да има добри и квалитетни екипи“, заврши Вујо.

Збор на прес-конференцијата имаше и Андрија Маџар од Железничар.

„Честитки за Металург за добрата игра. Пред нив сигурно е светла иднина, затоа што имаат млади играчи, а ако тие работат - резултатите ќе дојдат сами по себе. Што се однесува до мечот, во првото полувреме ги изработивме сите поставени задачи. Но, по исклучувањето на Вујин игравме тешко, правевме грешки, но најважни се бодовите и победата. Ова е втора победа по ред за нас, многу ќе ни значи за самодовербата и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам“, изјави ракометарот.

За Железничар ова е втора победа во СЕХА, по онаа против Извиѓач во минатото коло. Вујо во наредното коло на домашен терен игра против ППД Загреб на Лино Червар, кој направи изненадување и го совлада Вардар.