Вујо: Македонија напредува со Алкалоид, ниедна земја не успеала без клуб!

Поранешниот тренер на Вардар и селектор на Македонија, Веселин Вујовиќ, ќе биде еден од најискусните селектори на Светското првенство (СП) кое се игра овој месец како предводник на Катар. Во интервју за „Балкан Хендбол“, популарниот Вујо говореше за многу теми, меѓу нив и Македонија.

Во неговото предвидување, вели дека актуелните ракометари напредуваат, а за Алкалоид вели дека е добар проект кој може да донесе добро за македонскиот ракомет.

„Кире Лазаров направи многу за македонскиот ракомет како играч. Тие деца напредуваат во Алкалоид, играат добар и модерен ракомет. Ниедна репрезентација на светот не направила успех ако немала голем клуб. Тоа Македонија го прави со Алкалоид. Дали ова е моментот за нив? Не е, но ќе биде едно големо искуство. Веројатно сметаат дека ако се најдеме во иста група, дека се екипа која може да го победи Катар, додека Катар размислува дека може да ја победи Македонија. Тоа ќе биде една вистинска ракометна претстава за сите од регионот“, изјави Вујовиќ.

Катар го отвора турнирот против Франција, а се наоѓа во група уште и со Австрија и Кувајт. Оваа група вкрстува во следната фаза со трите најдобри селекции од групата на Холандија, Унгарија, Македонија и Гвинеја.