Вујо: Каква Франција, каква Данска – ако играше Југославија сигурно ќе беше шампион!

Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија го завршија учеството на Европското првенство во ракомет веќе во групната фаза, а Хрватска и Словенија се пласираа во втората фаза. Славниот ракометар и тренер Веселин Вујовиќ тврди дека „поранешна Југославија“ денес би била ракометна велесила.

Настапот на телевизија „Н1“ во пресрет на финалето на Европското првенство во Германија, кое по голема драма заврши со победа на Франција, Вујовиќ ја „запали фантазијата“ на сите југоносталгичари велејќи дека без никакво двоумење ќе доминираа во овој спорт.

„Замислете сега Југославија да учествуваше на Европското првенство.  Знаете ли како ќе минеа Франција и Данска на ова првенство ако на него играше единствена селекција на Југославија? Како боси по трње.

Јас сум југоносталгичар и сите го знаат тоа. Зошто Шпанец кој е роден во Баскија, Галиција или Каталонија го чувствува истото, а јас што сум роден во една земја треба да го покажам мојот пасош кога одам во Хрватска, Босна, Македонија. Зошто ни се случи, само Господ знае. Се случи и да не се повтори, но јас во Сараево, Цетиње, Скопје, Љубљана се чувствувам како дома“, изјави познатиот. ракометар кој најубавите денови во кариерата ги помина играјќи за Металопластика, клуб со кој беше двократен европски првак во осумдесетите години од минатиот век.

Вујовиќ како селектор ја водеше Југославија во 2000 година, потоа Србија и Црна Гора од 2003 до 2006 година и колапсот на државата, додека беше и на клупата на Македонија (2007), како и Словенија од 2015 до 2019 година.