
Ракометарите на Вардар ја запишаа и втората победа во Лигата на шампионите, откако во Скопје славеа над шведскиот шампион Кристијанштад со 33-25. По воведниот триумф на гости кај европскиот шампион Монпелје, „црвено-црните“ момци, пред половина исполнетото гледалиште во СЦ „Јане Сандански“, немаа никакви проблеми против редовниот „пациент“.
По пет минути веќе беше познат победникот на овој дуел. Вардар поведе со 6-0 по врзаните одбрани на Милосављев, а гостите првиот гол го постигнаа дури во 7. минута. Гостите беа прочитани како буквар, па едвај успеваа да го загрозат домашниот гол, а кога успеваа Милосављев беше тука да спречи.
Се редеа головите како на филмска лента во мрежата на Кристијанштад. Чупиќ и Борозан се издвоија со реализација во нападот, а рускиот репрезентативец Калараш донесе највисоки +10 по дваестина минути.
Тренерот на Кристијанштад, Ола Лидгрен, беше принуден за кратко време да бара втор тајм-аут., но не им помогна со советите на своите играчи. Беше 18-8, а до крајот на полувремето уште по некој гол на двете страни за 19-10.
Вториот дел беше само формалност. Борозан погоди за +11, а шведскиот шампион во продолжение успеа да намали на - 8, но тоа ниту оддалеку не беше закана за убедливата победа во најава на вардарци. Карачиќ и Дибиров го вратија домаќинот на +11, па Парондо можеше да ротира поголемиот дел од играчите во ростерот.
На десетина минути до крајот домашниот тренер го внесе на теренот и младиот голман Кизиќ на местото на Милосављев, кој запиша 11 интервенции, а шанса за игра доби и средниот бек Марко Мишевски. Вардар лесно го затвори мечот со конечни 33-25.
Најдобар стрелц во редовите на Вардар беше Иван Чупиќ со пет голови, Борозан даде пет, а Дибиров и Кристопанс запишаа по четири погодоци. Кај Кристијанштад се истакна Нифјал со пет голови. Следен голем предизвик за „црвено-црниот“ тим ќе биде гостувањето на унгарскиот Веспрем, каде настапуваат поранешните вардарци Дејан Манасков и Арпад Штербик.