• Мартин Танасковски
Екипата на Еурофарм Пелистер забележа нов пораз во сезоната во Европската лига. Ремито во Гдањск се очекуваше да биде пресвртница, по дебаклот во првото коло од Ла Риоха во Битола, но вечерва „зелено-белите“ одново потфрлија и убедливо загубија од Гумерсбах со 38-28. Со овој неуспех битолчани остануваат на последната позиција на табелата во групата Г, и значително ги намалија шансите за втора фаза во ова натпреварување.
Лино Червар го промени системот на игра за разлика од претходниот европски дуел во Битола и тоа беше евидентно на почетокот. Со трпелива и концентрирана игра во нападите, Пелистер му парираше на Гумерсбах во Германија во воведните минути. По пет минути беше 2-3 за македонскиот вицепрвак, одличен на голот беше и Никола Митревски кој фати две топки, од кои еден беше пенал на Рогановиќ. Израмнетата игра продолжи и понатаму, по десет минути игра резултатот гласеше 6-6. Гумерсбах за првпат успеа да се одлепи на 10-8, кога Алекс Душебаев влезе во елемент и го разигра својот тим, плус му помогна со голови. Червар се обиде да се врати во мечот со „седум на шест“, но откако Пелистер загуби две топки, примија голови на празна мрежа за највисоки 13-9 за бундеслигашот.
Следеше тајм-аут на Червар на кој Хрватот ја критикуваше одбраната, но и советите на паузата не помогнаа. Гумерсбах продолжи да игра самоуверено во нападот, лесно доаѓаше до голови заради загубени топки на клубот од Битола, за предност од 16-10 во финишот на првиот дел. Имаше и некои спорни одлуки на судиите од Данска на мечот, за кои се имаше замерки, но проблем беа загубените топки кои беа двојно повеќе во однос на ривалот. До крајот на првото полувреме, Еурофарм Пелистер ја намали негативата само за еден гол (20-15).
Искусниот хрватски стратег не промени ништо во својот напад и на стартот од второто полувреме, иста бековска линија, како и Ристевски и Пешевски на линијата од шест метри. Но, на голот застана иранскиот „нинџа“ Хаидерирад, кој натпреварот го започна со одбрана, но домашниот тим одново ги казнуваше сите грешки на противникот и со голови на празна мрежа ја одржуваше сигурната предност.
Червар проба и со Татар и Колаковиќ во нападот, но не функционираше и тоа, а Гумерсбах немилосрдно го полнеше голот и во последните десет минути влезе со убедлива предност од десет гола. Ништо ново не донесе ниту завршницата, германскиот тим искусно ја сочува предноста и заслужено славеше со 38-28.
Филип Кузмановски со седум гола и Видомски и Ристевски со по четири беа најефикасни кај битолчани, додека за победничкиот тим Душебајев имаше девет гола, а Рогановиќ заврши со шест. Двете екипи за еден месец одново ќе се сретнат, но овој пат во Битола во четвртото коло од групната фаза.



