Врањеш со замерки: Како еден тим може да напаѓа 35, а друг 55 секунди!?

Словенија доживеа пораз од Шпанија во полуфиналето на Европското првенство (ЕП) и ќе игра за бронзениот медал, а стратегот на балканската селекција, Љубомир Врањеш, по натпреварот зборуваше за делегатите и судиските одлуки.

Врањеш по натпреварот истакна дека делегатите својата одговорност ја сфаќаат премногу сериозно, а воедно има идеја за времетраење на напад во ракометот, нешто што е случај во кошарката.

„Делегатите ги сфаќаат своите одговорности премногу сериозно. Ракометот е емотивен спорт и за време на натпреварот сите на клупата стануваат и реагираат на настаните на теренот. Денес немате право ниту да се радувате, кога делегатот го повикува судијата да му даде жолт картон на играч, му се руши расположението, на него, на екипата, на тренерот. Би сакал да има лимитиран напад во ракометот. Тоа би било добро за сите. Секогаш еден тим може да напаѓа 35 секунди, додека другиот има 55 секунди. Тоа прави голема разлика, кога мечот е 60 минути. Еве, на пример, еден напад може да трае една минута. Тоа би било убаво. Шпанците на мечот со нас само до центарот трошеа по 25 секунди. Тоа мора да се земе предвид, но не и како алиби зошто загубивме во полуфиналето“, изјави Врањеш.

Словенија во мечот за третото место ќе игра со Норвешка, која во драматично полуфинале загуби од Хрватска.