Вовед во ЕП 2016: Има ли јунак за мегдан на Норвежанките?!

Од утре, па се до 18 декември Шведска ќе биде домаќин на 12. Европско првенство за жени, што за оваа држава значи втора организација на овој турнир, со оглед на тоа што претходно во 2006 година исто така беше домаќин на најдобрите репрезентации од Европа.

Најдобрите 16 селекции кои се распоредени во четири групи ќе играат во пет града на територијата на оваа скандинавска држава. Тоа се Стокхолм со арената „Ховет“ (8.000 капацитет), Малмо со арената „Малмо Истадио“ (5.300 капацитет), Кристианштад со „Кристианштад Арена“ (4.700 капацитет), Хелсинборг со „Хелсинборг Арена“ (4.700 капацитет) како и Гетеборг со „Скандинавиум“ (12.000 капацитет), каде што ќе се игра завршната фаза, полуфиналиња и финале.

ГРУПА А:  Шведска, Шпанија. Србија и Словенија

- Шведска која е домаќин е еден од претендентите за медал, тим кој на последното ЕП во 2014 година се закити со бронзата, откако славеше над Црна Гора во малото финале.

- Шпанија е финалист од последното ЕП во 2014 година, кога во финалето беше поразена од Норвешка, за на крај да му припадне утешниот сребрен медал кој го освои и во Македонија на ЕП 2008 година, исто така по пораз од Норвешка.

- Србија е домаќинот на ЕП во 2012 година, кога нивниот национален тим стигнаа до четвртото место, а една година подоцна во 2013, кога го организираше и СП, играше финале пред домашна публика, но загуби од Бразил и на крај го понесе сребрениот медал.

- Словенија сигурно е аутсајдерот во групата и тим што нема што многу да бара на ова ЕП.

 

ГРУПА Б:  Холандија, Франција, Германија и Полска

-Холандија е репрезентација со најголем прогрес во последните неколку години, тим кој на последното СП минатата година стигна до среброто, откако во финалето загуби од Норвешка. Овие два тима силите ги одмерија и летово на Олимписките игри во Рио, кога Норвешка во малото финале за бронзата ја совлада Холандија.

- Франција е селекција која на последните Олимписки игри во Рио стигна до среброто. Французинките од Европските првенства во минатото имаат две бронзи, со тоа што никогаш не играле финале.

- Германија од европските шампионати има само еден медал, сребро во далечната 1994 година, национален тим кој во поновата историја за разлика од машкиот тим нема некои позначајни резултати.

- Полска е селекција која најдобрите резултати во историјата ги забележа со последователно освоените четврти места на СП во 2013 и 2015 година.

 

ГРУПА Ц:  Црна Гора, Унгарија, Данска и Чешка

- Данска е трикратен европски шампион, а има и две сребра.

- Црна Гора е европскиот шампион од 2012 година, а истата година се закити и со среброто на Олимписките игри во Лондон. На ова ЕП ќе настапат во релативно подмладен состав без низа долгогодишни првотимки.

- Унгарија е европскиот шампион од 2000 година, национален тим кој има и три бронзи од овие шампионати.

- Чешка досега ако се земе и претстојното ЕП има пет настапи на овие собири, а најдобар пласман е осмото место во 1994 и 2002 година.

ГРУПА Д:  Норвешка, Русија, Романија и Хрватска

-Норвешка e шесткратeн европски шампион и актуелен бранител на титулата од минатото ЕП во 2014 година кое се одржа во Хрватска и Унгарија. Оваа селекција воедно е и селекцијата која важи и за најголем фаворите за круната и на претстојното ЕП.

- Русија е актуелен олимписки шампион од Рио. „Зборнаја“ на досега одржаните ЕП има три медали, но ниту еден златен, на два наврати била бронзена и еднаш сребрена.

- Романија е селекција која на последното СП минатата година се закити со бронзата и држава од каде што доаѓа актуелниот освојувач на Лигата на шампионие, ЦСМ Букурешт.

- Хрватска на последните две Европски првенства заврши на 13.место, пласман кој и сега им се предвидува на „коцкестите“ ракометарки. 

Шампионатот ќе биде отворен денес со балканскиот дуел од 15.15. часот помеѓу Србија и Словенија. Пласман во втората фаза ќе обезбедат првите три пласирани селекции од секоја група и потоа ќе формираат нови две групи, каде што првопласираните два национални тима ќе обезбедат полуфинале.

Како што е познато, во 2008 година и Македонија беше организатор на едно Европско првенство, кое го освои Норвешка која во финале славеше над Шпанија со 34-21. Што се однесува до нашиот национален тим кој има пет настапи на ЕП, последниот 2012 година кој го завршивме на последното 16. место. Најголем успех во нашата историја е седмото место на домашен терен на ЕП во 2008 година.