„Вонземјанинот“ Волф со ДВЕ страшни одбрани го одведе Кил во финалето во ЕЛ!

Екипата на Кил е првиот патник во финалето од завршницата во Европската лига на ЕХФ. На првиот дуел од Ф4 турнирот во Хамбург, бундеслигашот по голема драма го совлада составот на Монпелје со минимални 28-29 (12-15), а најзаслужен за тоа беше голманот Волф, кој во самиот финиш со две спектакуларни одбрани не дозволи продолжение. 

Дуелот меѓу францускиот и германскиот гигант започна доста внимателно и со силен тактички пристап од двете страни. По првите шест минути игра, мрежите мируваа речиси целосно, па резултатот изнесуваше само 1-1.

Сепак, по почетниот грч, двете екипи се ослободија од притисокот и заиграа далеку поофанзивно. Во следниот период се отвори играта, а ракометарите го покажаа својот напаѓачки потенцијал, при што Кил успеа да дојде до минимално водство од 4-5. Германскиот тим продолжи во силен ритам и со брза транзиција постепено ја зголемуваше предноста, стигнувајќи до плус три (7-10). Сепак, Монпелје не се предаде, а Ромеу беше особено расположен, постигнувајќи пет гола за само дваесет минути и враќајќи ја својата екипа на само гол негатива.

И покрај обидите на францускиот состав да се врати целосно во игра, Кил повторно ја презеде контролата и до крајот на првото полувреме успеа да ја одржи сигурната предност, заминувајќи на пауза со резултат 12-15.

Вториот дел започна со фуриозна игра на францускиот тим. Кил влезе во непосакувана криза, па Монпелје во 38. минута израмни на 18-18. Французите продолжија во ист ритам и по подолго време одново го презедоа водството. 21-19. Сепак, следуваше криза во таборот на Монпелје, тимот повеќе од пет минути беше без постигнат гол, а Кил го искористи тоа и со серија од 3-0 ја врати предноста на своја страна.

Во самиот финиш од полуфиналето се влезе со егал резултат (28-28) и следуваше вистинска драма. Монпелје беше во налет имаше напад за водство, но Монте направи голема грешка и Јохансон на 20 секунди до крајот погоди за 28-29. Французите имаа доволно време за израмнување, но на сцена стапи Волф кој со две фантастични одбрани во серија ја сочува мрежата и го одведе Кил во големото финале.

Херојот Волф натпреварот го заврши со тринаесет успешни интервенции, а кај победничкиот тим најпрецизен беше Јохансон со шест погодоци. За Монпелје се истакна Ромеу со осум гола.