Волф: Победата над Еурофарм Пелистер е многу важна, се вративме во колосек

Ракометарите на Киелце се радуваа на победа над Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите. Натпреварот во Полска покажа до каде се силите на двете екипи, а домаќинот не дозволи нова неизвесна пресметка со битолчани. Повратник меѓу стативите беше Андреас Волф, германскиот голман кој беше повреден.

Волф по средбата ја прокоментира победата и посочи колку таа е важна по некои претходни послаби партии на Киелце.

„По лошите изданија во Саудиска Арабија и Загреб, се вративме во колосек. Направивме важен чекор напред. Целиот тим ја сакаше оваа победа. Имавме добра ефикасност во нападите, покажавме дека сме еден од најдобрите тимови во тој сегмент во Лигата на шампионите. 

Во некои претходни натпревари имавме ментална блокада, ама сега почнавме да се креваме. Секој ден правиме чекор напред. За мене најважно е да му помогнам на тимот и верувам дека со тек на време ќе се вратам на највисоко ниво по повредата“, изјави Волф.

На овој натпревар Волф имаше добар удел во победата, бидејќи одбрани девет топки.