• Горан Упале
Ракометната селекција на Германија е првиот финалист на Летните олимписки игри во Париз, откако во спектакуларен натпревар славеше минимална победа над моќната Шпанија 25-24 (12-12). По две децении селекцијата од најсилната светска лига ќе игра за олимписко злато, што е големо изненадување по последните разочарувачки настапи на Светското и Европското првенство.
Германците, и покрај исцрпувачкиот натпревар со домаќинот и лудата победа по продолжение во четвртфиналето, сочуваа сили и за оваа пресметка. Четата на Алфред Гисласон фуриозно го отвори полуфиналето. За краток период поведе со 3-0, а потоа се избори и за водство од четири гола (10-4). Сепак, Шпанците како и секогаш докажаа дека нема откажување и во вистински момент влегоа во посакуваниот ритам. Како се ближеше крајот на првото полувреме, така се „топеше“ германската предноста, па на полувреме се замина со егал резултат (12-12). Фернандез и Касадо со по три гола беа најпрецизни во таборот на „фуријата“, додека за Германија исто толку погодоци имаа Кнор и Гола.
Второто полувреме донесе голема и израмнета борба на паркетот. Германија одново беше посигурна во воведните моменти и го врати водството, но овој пат најмногу „побегна“ на плус три (само еднаш, 17-14). Потоа следуваше нов пад во играта на „панцерите“, кој Шпанија одлично го искористи и полуфиналето влезе во драматична завршница.
Шпанија по подолго време поведе (24-23), но Волф покажа зошто е еден од најдобрите голмани во светот и со три врзани одбрани ја расплака Шпанија и ја одведе својата селекција во големото финале.
Покрај искусниот голман, кој собра 21 интервенција, во таборот на Германија одличен беше и Ушчин со шест гола, додека за Шпанија прв стрелец беше Фернандез со пет погодоци. Честа да го судат овој дуел ја имаа нашите судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои одново својата задача ја завршија без грешка.
Во второто полуфинале вечерва во „Париз Берси“ ќе играат Словенија и Данска.