Волф: Ако се бориме заедно, можеме да надминеме секакви пречки

Волф

Најскапиот голман на денешницата игра во екипата на Киелце. Полскиот првак минатата сезона се засили со Андреас Волф, кој пристигна од редовите на германски Кил.

Чуварот на мрежата на екипата предводена од Талант Душебаев е свесен за кризата која го очекува неговиот клуб. Главниот спонзот најави дека нема да го финансира тимот оваа година, поради тешките моменти кои ги доживува од пандемијата.

Германецот посакува да продолжи во Полска, а за тоа вели дека ќе мора да се бори заедно со своите соиграчи.

„Сакам да играм во Киелце и во наредните неколку години. Ова е одличен клуб, кој има едни од најдобрите навивачи, барем во ракометот. Тука атмосферата е пеколна на секој меч. За тоа ми зборуваше Талант пред да дојдам.

Меѓутоа, свесен сум за проблемите кои ги носи коронавирусот. Но, сметам дека со заедничка борба, со моите соиграчи, ќе успееме да ги прескокнеме сите пречки. На клубот му предвидувам светла иднина“, изјави Волф.

На Киелце му останува во наредните 60 дена да собере 600 илјади евра, со цел да ја преживее тековната година. Претседателот Бертус Сервас активно бара нови спонзори и извори на финансии, за да го спаси клубот од банкрот.