• Горан Упале

Екипата на Војводина со пораз ја отвори втората фаза Европската лига на ЕХФ. Српскиот шампион во рамки од првото коло од групата 3 беше поразен од Кадетен Шафхаузен на гости во Швајцарија со 27-24 (12-11).
По израмнетиот прв дел, во кој и Војводина имаше водство, во еден момент и од четири гола разлика, по паузата Кадетен Шафхаузен презеде сè во свои раце, поведе со шест гола позитива и си обезбеди мирен финиш на натпреварот. Исланѓанецот Рикарсон со седум и искусниот Канељас со пет гол беа најдобри поединци кај победничкиот тим, додека за Војводина по четири гола впишаа Роган и Голубовиќ.
Ракометарите на Скјерн беа немилосрдни во соочувањето со Горење, откако пред својата публика извојуваа победа од 14 гола разлика (45-31). Сè беше решено во првото полувреме во кое данскиот тим се одлепи на шест гола, а речиси идентично сценарио се случи и во вторите триесет минути, па Скјерн втората фаза ја започна со заслужена победа.
Поранешниот тим на Кирил Лазаров, Нант извојува сигурна победа на гостувањето кај поранешниот клуб на Филип Кузмановски, Хановер (32-38), додека Фуксе Берлин не дозволи изненадување на дуелот со Констанца.