Влатко Митков со прв тренерски ангажман, го презеде кормилото на Холабрун 

Поранешниот македонски репрезентативец, Влатко Митков, од следната сезона ќе има нов предизвик, откако е назначен за прв тренер на австрискиот второлигаш Холабрун.

Искусниот десен бек, кој сè уште не одлучил дали ќе ја заврши играчката кариера, доаѓа на местото на Иво Белас и за примарна цел во новата сезона ќе има нов шампионски трофеј во Втората лига и промоција во австриската елита.

Холабрун имаше фантастична сезона и го крена шампионскиот трофеј, но во Австрија оваа сезона немаше ниту испаѓање ниту промоција, па така тимот на Митков остана во второлигашкото друштво. Покрај него голема заслуга за одличните резултати на тимот имаше и македонското крило Никола Костески, кој летово се сели во Чешка, во редовите на Плзен. 

Митков ја има потребната ЕХФ Мастер коуч лиценца, а ова ќе биде негов прв предизвик на чело на еден сениорски тим, откако претходно работеше со академијата на Холабрун.