Влах ѝ даде 14 гола на Јапонија, Словенија е четвртфиналист на ЛОИ!

Ракометната репрезентација на Словенија си ја оствари задачата и со победа над Јапонија (29-28) во рамки на четвртото коло на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) се пласира во четвртфиналето на престижниот настан.

Јапонците повторно одиграа допадлив натпревар, но останаа со празни раце и на „нула“ по четири одиграни натпревари. Европската селекција се намачи за да го освои целосниот плен во дуелот во Париз и трепереше за посакуваната победа до самиот финиш.

„Самураите“ тргнаа одлично, предводени од Јасухира имаа плус во првиот дел од еден до два гола, а на паузата беше израмнето (15-15). Првиот удар Словенија го зададе кога од 20-21, замина на 20-23, највисок плус на мечот, но откако од 23-26, Јапонија се врати на 26-27, следеше драма до крајот со хепи-енд за Словенците.

Неверојатна партија имаше Влах со 14 постигнати гола, пред Благотиншек со четири, додека кај Јапонија, поранешниот вардарец Јасихура даде седум, а Фуџисака заврши со шест реализации.

Со четиринаесетте постигнати гола, Влах стана вториот играч на кого му успеало тоа на олимписки турнир, по Фредерик Вуле од Франција во 1996 година. Рекордер е Јержи Клемпел од Полска, кој на Олимписките игри во 1976 година даде петнаесет гола.

Словенија сега има шест бода, исто како и лидерот Германија. Двете селекции се четвртфиналисти, а за останатите две места ќе се борат Шведска, Шпанија и Хрватска.