Влах: Еурофарм Пелистер е типичен балкански тим, ако влезеш во борба со нив...

Екипата на Еурофарм Пелистер, по стартниот пораз од Колштад во Битола, пред себе го има првото овосезонско гостување во Лигата на шампионите.

Македонскиот првак веќе е во Данска, каде в среда ќе се судри со Алборг. Новајлијата во редовите на данскиот тим Алекс Влах, го најави дуелот со „зелено-белите“ и вели дека ги чека средба со типична балканска екипа.

„Сум играл против Пелистер и претходно и се работи за типичен балкански тим. Ако ги пуштиш во борба, тие се подготвени да удрат и да го искористат тоа во своја полза. Во исто време, се работи за многу физички силен тим, па мораме да им покажеме дека сме господари во нашата куќа и дека ова е нашиот дом. Ние сме фаворити, играме на домашен терен и верувам дека ќе стигнеме до победата. Треба да ги повториме добрите работи од последните натпревари, да наметнеме силно темпо од самиот почеток и што порано да се одлепиме резултатски“, изјави Влах за клупската интернет страница.

Натпреварот меѓу Алборг и Еурофарм Пелистер започнува од 20:45 часот, а ЕХФ за главни судии ги делегираше Шпанците Марин Љоренте и Гарсија Серадиља.