Кил го надигра ПИК Сегед за четвртфинале, голем бод за Висла во Данска

Ракометарите на ГОГ Гудме се сретнаа со Висла Плок во 13. коло од Лигата на шампионите и на домашен терен ремизираа со 32-32. 

Данскиот состав одигра подобро во првото полувреме и беше во силен налет, но Висла не му дозволи на домаќинот да создаде поголема разлика, а на паузата резултатот гласеше 17-14.  Вторите триесет минути донесоа подобра игра на Полјаците, кои успеаја да внесат голема драма во финишот и израмнија на 32-32 во последната минута.

ГОГ Гудме се обиде во последниот напад да дојде до победа, но остана без реализација, па на тој начин Висла успеа да се избори за деветиот бод во групата Б. Најефикасен кај ГОГ Гудме беше домашниот ракометар Емил Мадсен, кој запиша девет гола зад своето име, додека кај Висла Плок убедливо најдобар беше Хрватот Тин Лучин со неверојатни единаесет голови. ГОГ Гудме, кој веќе е квалификуван во осминфиналето, е на петтото место, со два бода повеќе од полскиот претставник, кој со овој бод сонува пласман во елиминационата фаза.

Екипата на Кил успеа да ивојува минимален триумф на гостувањето кај екипата на ПИК Сегед со 27-28. Германците до победата дојдоа во самиот финиш од натперварот, а најдобар поединец во нивниот состав беше Швеѓанецот Јохансон со осум постигнати голови.

„Зебрите“ се лидери во групата А, во која игра и нашиот Еурофарм Пелистер, и скоро сигурно ќе играат директно во четвртфиналето.