• Иван Димовски

Групната фаза на Лигата на шампионите дојде до самиот крај. Со последните натпревари, дојде и до крајната разврска. Екипата на Висла Плок со победата успеа да го прескокне ППД Загреб и да го фати последното нокаут место, а Магдебург не дозволи изненадување и ќе игра директно во четвртфинале.
Порто и Никола Митревски не успеаја да му направат услуга на ППД Загреб, па иако одиграа драма, загубија дома од Висла Плок со 27-28 (13-15). Пресметката во Порто беше интересна и неизвесна до самиот крај, а полските ракометари повеќе ја посакуваа победата. Македонскиот голман натпреварот го заврши со пет интервенции.
Многу важна победа запиша Магдебург дома против Динамо Букурешт (34-33). Иако романскиот првак немаше резултатски императив, сериозно го измачи германскиот ривал. Магдебург успеа да издржи и со победа го завери второто место во групата, кое ги води директно во четвртфиналето на елитното натпреварување.