Висла се покажа во одлично светло во Париз, но ПСЖ закажа меч со Барса во ЛШ

Ракометарите на Пари Сен Жермен не дозволија изненадување во осминафиналето од Лигата на шампионите и заслужено, со две победи над Висла Плок, патуваат меѓу осумте најдобри во ракометната елита на Европа. Таму, ги чека двомеч со големиот ривал Барселона. 

По триумфот во Полска од 26-30, момците на Раул Гонзалез и во реваншот во Париз одиграа онолку колку што беше потребно за ново славје и на крај по вторпат го совладаа полскиот претставник (34-33).

Речиси идентично како и на првата средба, така и на реваншот, Висла беше рамноправен противник само во воведните десет минути. Полскиот тим одолеваше на налетите на фаворитот на стартот, но откако израмни на 9-9, ПСЖ влезе во посакуваниот ритам и на полувреме замина со предност од три гола (18-15).

Во вториот дел ПСЖ продолжи во ист стил и за првпат поведе со шест гола разлика (25-19), но Висла на изненадување на сите најди сили и се потруди за неизвесна завршница. Во самиот финиш се влезе со 30-30, но ПСЖ не дозволи кикс и со сигурна игра славеше минимална победа од еден гол разлика (34-33).

Пранди со девет гола беше најдобриот поединец кај ПСЖ, а Крајевски со осум погодоци се истакна кај Висла Плок.