Висла се покажа како предлабока за Еурофарм Пелистер

Екипата на Еурофарм Пелистер остана со празни раце во новото коло од Лигата на шампионите. За македонскиот првак како преголем залак се покажа полска Висла, која во Плок славеше убедливо (36-25) и така на „зелените“ им го нанесе третиот пораз во елитата по натпреварите со ПСЖ во Париз и ГОГ Гудме во Битола.

Висла, која инаку е најдолгата река од сливот на Балтичкото Море, се покажа како предлабока за пелистерци. Избраниците на Гарабаја се носеа со ривалот дваесет минути, но големиот пад во играта потоа резултираше со висок плус за полскиот тим. Во вториот дел се имаше проблеми и со исклучувања и со промашени седмерци, вкупно три, па ривалот тоа го искористи за да запише убедлива победа во Лигата на шампионите, вкупно трета по оние над ПИК Сегед и Загреб во првото и второто коло.

Што се однесува до натпреварот, тој почна добро за македонскиот првак, кој имаше егал со домаќинот. Никола Митревски беше главниот „виновник“ за текот на настаните, затоа што забележа три интервенции во воведните десет минути и го држеше Еурофарм Пелистер во игра. Резултатот беше 4-4, па 7-6, потоа и 8-9, а оттогаш почна падот на „зелените“ во Плок. Со три гола во низа, преку Михиќ и Жита, Висла Плок се одлепи на 11-9, а тоа беше знак за тајм-аут на Гарабаја. Иако Манасков ја прекина кризата во нападот, Ричардсон и Зарабец диригираа и за првпат домашниот тим поведе со четири гола разлика (14-10), разлика која остана и на полувремето.

Во вториот дел проблемите за Еурофарм Пелистер продолжија кога Хенигман доби директен црвен картон заради удар во вратот на Јанц, а бројчаната предност во следните две минути Висла ја искористи за да има 20-16. Во продолжението Пелистер влезе и во проблем со седмерците, Мирко Алиловиќ одбрани три шута од пенал-линијата, па искусниот тим како Висла тоа го искористи и се одлепи на 29-20 што беше доволно на крајот за победа. Во финишот, Висла на Чави Сабате имаше и двоцифрена позитива.

Кај стрелците, Мелвин Ричардсон даде осум гола и беше лидер кај Висла, пред Абел Сердио Гунтин со пет гола. Голманот Мирко Алиловиќ забележа осум одбрани. Кај Пелистер, Дејан Манасков имаше седум гола, а Павле Атанасијевиќ погоди четири пати, додека Никола Митревски фати девет топки.

Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите по четири кола има една победа и три порази. Во следната рунда игра дома со Барселона (15.10). Висла, пак, со три победи и еден пораз е при врвот и ја очекува домашен меч со ПСЖ.

Најнови вести од
Лига на шампиони