Висла пружи силен отпор, но ПСЖ со победа се враќа од Полска

Екипата на Пари Сен Жермен со сигурна предност ќе го пречека тимот на Висла Плок во реваншот во осминафиналето во Лигата на шампионите, откако во првата средба, која што се играше во Полска, славеше победа од 26-30 (12-13).

Очекувањата на јавноста беа доминација на момците на Раул Гонзалез уште во првата средба, но тоа не се случи, барем не во првите триесет минути. Висла, натпреварот со големиот фаворит го отвори мотивирано и добро организирано. Тоа резултираше со многу технички грешки на парижани во првите десет минути и само четири постигнати гола. Но, ниту домаќинот не се прослави во фазата на напад и мрежата на Паличка ја затресе исто така само четири пати.

Голема битка се водеше и во продолжението од првото полувреме. Осум погодоци, односно по четири на двете страни, без постигнати и во следните десет минути. Следуваше нешто подобра игра на парижани и прво водство од два гола разлика (8-10), но Висла идентично возврати и на полувреме се замина со минимални 12-13 за ПСЖ.

Сепак, работите си дојдоа на место на стартот од вториот дел. По паузата момците на поранешниот македонски селектор влегоа во посакуваниот ритам, лесно ја тресеа противничката мрежа и во 42. минута се изборија на највисоки пет гола предност (16-21). До крајот на натпреварот Висла успеа само да намали на еден гол и парижани за дома се вратија со победа од 26-30.

Шипжак и Пранди со по седум гола беа најрасположени кај ПСЖ, а за поразениот тим Крајевски постигна четири погодови. Реванш натпреварот во Париз е закажан за следниот четврток, а победникот од овој двомеч во четвртфиналето ќе се сретне со Барселона.