Вигерт: Сум слушал многу за ракометна Битола, штета што овој меч го игравме без публика

Еурофарм Пелистер немаше сили за надигрување со еден од најдобрите германски тимови во овој момент Магдебург и го загуби првиот натпревар од осминафиналната фаза во Европската лига (24-32). 

Младиот стратег на клупата на германскиот тим, Бенет Вигерт по натпреварот истакна дека првпат гостува во Битола и многу слушaл за атмосферата што ја прават домашните навивачи, па затоа жали што овој натпревар се играше пред празни трибини.

„Првпат сум во Битола, сум слушал многу за атмосферата што ја прават навивачите. Штета што поради пандемијата трибините беа празни. Сериозно влеговме во овој натпревар, одлично се справивме со нивната одбрана 6-0 и игравме според договореното во нападот.

Се изборивме за добра залиха за реванш средбата, но верувајте дека со многу сериозен пристап ќе влеземе и во тој натпревар. Ова е само еден чекор поблиску до нашата цел, а таа е пласман во завршниот турнир“, изјави стратегот на германскиот тим.

Најдобар поединец во таборот на германскиот тим беше Магнусон со десет гола, а одлични партии одиграа и Дамгард со шест и Мертенс со пет гола.