ВИДЕО: Жилавата Македонија сопрена дури во финишот: Франција слави на искуство

Со пораз во израмнета игра со фаворитот Франција Македонија го почна европското првенство во Полска (30-23). Селекторот Ивица Обрван се одлучи да му даде шанса на Филип Кузмановски уште од првата минута, а по првиот напад Лазаров реализира седмерец. На двата гола на нашиот капитен одговори Гигу за 2-2 во 5. минута. По техничките грешки на противникот, нашите крила Георгиевски и Манасков ни донесоа 4-5 по 10 минути игра. 

Кузмановски од првиот обид го совлада Омејер и полека целосно се разигра нашиот стартен тим. Спектакуларен цепелин, Лазаров и Манасков им продадоа на европските прваци за 6-8 во 15. минута. Но Франција прави серија 3-0 и го врати водството во 18. минута. 

Борко Ристовски не одржа во живот со две интервенции кога беше очи в очи со противничките бекови. Со двајца ракометари повеќе Манасков погоди за 12-12 на влезот во последната минута од првиот дел. Дури имаше и зицер за водство, но Омејер одбрани. Така со нерешен резултат се отиде на одмор, со позитивни вибрации од нашите ракометари.  

 

Вториот дел подобро го започнаа француските ракометари кои два пати се одлепија на +2 во интервал од 5-6 минути. На голот на Прибак возврати Сорондо и мечот влезе во фаза гол за гол. Ристовски му одбрани седмерец на Гигу, а Стоилов од линијата реализираше за 17-17. Сепак европскиот првак пак се одлепи со серија 3-0 за 20-17 во 44. минута. Реагиравме со голови на Лазаров, Манасков и Георгиевски и одличен Борко на голот за 20-20 за само две минути. Миркуловски со гол под фаул реализираше заа 22-22 во 51. минута. Но направивме две технички грешки и Мае и Абало во 20 секунди на Франција и донесоа +2 во 52. минута. Затаи нашиот напад, Прибак промаши зицер, а Нарцис со лесен гол низ нашата зона зголеми на +4, првпат во мечот. Така без неизвесност светскиот првак го приведе мечот кон крај за победа од 30-23. 

Во нашата репрезентација Кирил Лазаров постигна 9, а Дејан Манасков беше стрелец на 5 гола. Кај Франција се истакна Сорондо со 6 гола. Во недела нареден наш противник во А групата е домаќинот Полска.