ВИДЕО: Неубедливата Полска нè совлада поради нашите наивни грешки

Инфаркт мечот, со кој се затвори второто коло од А групата на ЕП во ракомет во Краков, заврши со победа на Полска над Македонија со 24-23 (11-13) .

Во прекрасниот амбиент на „Краков арената“, пред 14.186 гледачи Македонија почна со Филип Лазаров во протоколот, а Наумче Мојсоски во стартниот тим. Јурецки го отвори резултатот, а Кире Лазаров одговори со првенец за 1-1. Во првите два обиди нашите крила не успеаjа да погодат, а Шмал на голот почна со две одбрани. Но, одговори нашиот Ристовски, со две чудесни интервенции и Миркуловски и Лазаров ни донесоа прво водство (3-2). 

Играта на нашата селекција, благодарение на голманот и одбраната, доби на цврстина и самодоверба, па капитенот Миркуловски и Митков двапати ни донесоа +4. Корпулентниот Сипржак со два гола од линијата намали на 9-8 во 22. минута. Прибак, со два гола од транзиција, го одржа нашето водство од 1-2 гола. Дејан Манасков постигна два гола кои му беа поништени заради престап, па наместо со 3-4 разлика, на одмор заминавме со 13-11.

И вториот дел почна со позитивни вибрации, но при 14-11 Храпковски и Јурецки погодија од надворешните позиции за 14-13. По исклучувањето на Јоновски, Полска по подолго време поведе, откако Лучак реализираше од крилна позиција (16-15). Следеше игра гол за гол со многу тензија и со одбрани кои доминираа над нападите. 

Нашата игра влезе во кризен период и добредојден беше голот на Стоилов за 19-20 и исклучувањето на Чиба. Лијевски од втор обид го совлада Ристевски за 20-22 во 56. минута, но во следниот напад, Храпковски беше исклучен (црвен картон заради три исклучувања). Нашиот тим реагираше и Лазаров и Миркуловски намалија на -1 и имавме напад на половина минута до крајот. Сепак, ударот нa Лазаров беше изблокиран и Полска го доби мечот со 23-24.

Во нашата селекција, Лазаров постигна 8 гола, а Филип Миркуловски беше автор на 5. Кај домаќините, Камил Сипржак со 5 гола беше најистакнат.