ВИДЕО: Јурецки е ракометарот кој му влева најмногу страв на Миркуловски

Македонските ракометари на вчерашниот тренинг одговорија на кратки трик прашања поставени од фановите на Европското првенство. 

На прашањата дали македонската репрезентација може да освои медал на Европското првенство и кој е минималниот успех кој би го прифатиле Македонците, кружниот напаѓач Стојанче Стоилов изјави:

 „Јас сум секогаш позитивен. Тешко е да се освои медал на Европското првенство, но со малку среќа, можеме да освоиме. Минималниот успех за нас е да се обидеме да стигнеме до втората фаза, а за понатаму ќе видиме“.

„Тешко е да се каже, но мислам дека Јурецки е многу силен играч“, изјави  средниот бек Филип Миркуловски, кој беше запрашан кој ракометар му влева најмногу страв на теренот.

Немања Прибак е ракометар кој секогаш ги гледа реално работите. На прашањето дали Турција во иднина би можела да се натпреварува на Европско првенство тој одговори:

 „Мислам да, но за тоа треба да донесат многу правилни одлуки и да бидат посериозни. Навистина се надевам дека ќе успеат затоа што Турците го сакаат овој спорт. Можат да успеат, но треба да се потрудат“. 

Најголемиот успех досега на македонската репрезентација на Европското првенство е освоеното петто место во 2012 година. Дали Македонците можат да го повторат тој успех?

„Мислам дека би можеле да го повториме успехот, но тоа е тешко. Ако минеме во втората фаза мислам дека Хрватска, Исланд, Белорусија и Норвешка се репрезентации кои полесно можеме да ги победиме“, изјави Дејан Манасков.

На младиот Манасков му беше поставено и скокотливото прашање, дали цимерите Лазаров и Ристовски се караат често?

 „Да, да, се караат често“, низ насмевка додаде тој. 

На крајот, ракометарите беа запрашани каде може да се најде најдобриот ќебап во Скопје, но овој пат фановите се задоволија со различни гурмански одговори.