• Зоран Мишевски
Со вчерашната победа на Веспрем против Нексе Нашице продолжи ракометната СЕХА лига. Еден од двата македонски претставници, МАКС Струмица му гостува на еден од најдобрите домаќини и постојан учесник на завршните турнири на СЕХА лигата, белоруски Мешков Брест. Капитенот Везенкоски најави дека за младата екипа голема работа е само што ќе играат наспроти првакот на Белорусија.
„Многу сменивме во нашиот играчки кадар за разлика од првиот дел. Ќе се обидеме да парираме, иако играме со многу квалитетна екипа како Мешков Брест. Имаат многу белоруски ракометари во ростерот. Ние ќе дадеме максимум, а за многуте млади момци во ростерот голема работа е што ќе играат со екипата на Мешков Брест. Имаме одлична клима во соблекувалната и спремни сме да си ја зголемиме самодовербата пред натпреварите кои следат и во СЕХА лигата и во домашното првенство“, истакна ресенчанецот.
МАКС Струмица и натаму е без победа и веројатно ќе мора да побара некој друг противник за да се надева на успех и прва радост. На овој меч на клупата на Макс Струмица ќе дебитира тренерот, Ванчо Трендафилов.