Веспрем се засили со вардарецот Шишкарев и Македа!

Унгарски Веспрем потврди две засилувања за новата сезона, во името на вардарецот Данил Шишкарев и играчот кој во минатото го носеше „црвено-црниот“ дрес Хорхе Македа.

Руското крило беше важен дел од тимот на Вардар, но нема да продолжи во иднина да игра за македонскиот тим. Следна дестинација ќе му биде Унгарија каде се обврза на двегодишен договор.

Македа, пак, играше за ПИК Сегед, најголемиот ривал на Веспрем, арно ама се реши на трансфер во „помоќниот“. Слично како и Шишкарев и Македа ќе игра за Веспрем во наредните две години. Шпанецот е затворен од Лука Степанчиќ, кој е прв избор кај Хуан Карлос Пастор. 

Веспрем силно ја посакува европската круна и сака да изгради силен колектив за конечно да се искачи на европскиот трон. Претходно тимот го обнови договорот со Тонесен, го врати Лигетвари од позајмица, а се раздели со Терзиќ.

Од вардаровиот тим кој ќе се бори за завршниот турнир на Лигата на шампионите во Келн, Кристопанс следната сезона ќе игра за ПСЖ, а уште неколку ракометари размислуваат да ја променат средината.