• Саше Љолес
Ракометарите на Веспрем и Фуксе Берлин одиграа прекрасен четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите, а на крајот се радуваше домашниот тим, кој победи со минимални 35-34.
Германскиот гигант одигра подобро во првиот дел и создаде предност од три голови (17-20), а на стартот од второто полувреме стигна и до +5, но Веспрем прикажа далеку посериозен пристап до крајот на мечот и не дозволи пораз пред својата публика.
Големата ефикасност продолжи, Унгарците „запнаа“ и тргнаа во силна офанзива, што резултираше со резултатски „кам-бек“ во пресрет на последните 120 секунди. Веспрем успеа да ја надополни негативата, а потоа поведе со +2 (35-33), но Фуксе до крајот се избори за само еден гол негатива (35-34).
Најдобри поединци кај унгарскиот претставник беа Уго Деска и Иван Мартиновиќ со по осум гола, а на спротивната страна, дури тринаесет погодоци запиша неверојатниот Матијас Гидсел. Реваншот помеѓу овие ривали ќе се одигра на шести мај во Германија.


