• Мартин Танасковски
Екипата на Веспрем ги изненади фановите и одигра реми (31-31) на гостувањето кај Динамо Букурешт во рамки на десеттата рунда од ракометната Лига на шампиони.
Унгарскиот тим важеше за фаворит на хартија и во еден момент водеше со пет гола (11-16), меѓутоа и тоа не беше доволно да се освои целиот плен на незгодното гостување во Букурешт. Динамо изведе кам-бек, во второто полувреме имаше и предност од два гола (19-17), меѓутоа немаше сили за повеќе во финишот.
Украинецот Акименко беше одличен кај стрелците со седум гола, пред Зеин со шест реализации, додека кај Веспрем, Валјупов и Ненадиќ го завршија натпреварот со по седум постигнати гола во мрежата на романскиот првак.
Лидерот во групата Б, екипата на Киелце, дома беше сигурен со Целје (36-28). Словенечкиот првак се врати во Лигата на шампионите, но тешко дека ќе може да се пласира во втората фаза на елитното друштво. Морито од Киелце даде осум гола, Французите Турнат и Ремили стрелаа по пет пати, а кај Целје, Иванковиќ беше најефикасен со девет реализации.