Веспрем потврди: Манасков ќе го пречека Лазаров со навивачи на трибините!

Веспрем уште една сезона се обидува да обезбеди место на завршниот турнир во Келн. Оваа сезона на патот на унгарскиот гигант стои Нант, каде што настапува Кирил Лазаров.

Тимот на Дејан Манасков, кој ќе биде домаќин на реваншот, објави одлични вести за своите навивачи. Тие ќе добијат шанса да ги бодрат своите миленици на второто четвртфинално соочување на 20 мај.

„Со нетрпение чекавме да го објавиме овој пост. Ве покануваме на домашните натпревари. Да се сретнеме на 20 мај и заедно да се бориме за нов Ф4 турнир. Дополнителни информации околу продажбата на билетите и условите ќе бидат познати наредната недела“, стои во соопштениетo на Веспрем.

Унгарскиот претставник е фаворит за пласман на турнирот во „Ланксес Арена“, меѓутоа Нант секогаш знае да изненади кога има улога на аутсајдер на хартија.

Првиот натпревар ќе се одигра во Франција на 13 мај.