• Горан Упале
Ракометарите на Веспрем одново му одржаа ракометна лекција на ПИК Сегед и со нова победа обезбедија пласман меѓу најдобрите осум екипи во Лигата на шампионите. Во реваншот од осминафиналето момците на Момир Илиќ одиграа нова доминантна партија против лутиот ривал и со победата од 39-32 уште еднаш покажаа кој е кој во унгарскиот ракомет оваа сезона. На првиот натпревар Веспрем среде Сегедин славеше со 30-37.
Шампионот на Унгарија од пред две сезони моќта на противникот ја почувствува уште од самиот старт на натпреварот. Веспрем отвори силовито и веднаш си создаде сигурна предност која што ја чуваше до крајот на средбата.
На полувреме се замина со плус четири за домаќините (19-15), додека во вториот дел највисоката предност беше осум гола, за на крај Веспрем да слави со 39-32.
Ваилупау со осум и Пешмалбек со шест гола беа најдобри во таборот на победничкиот тим, додека за ПИК Сегед се истакнаа Соареш со осум и Гарсиандиа со шест погодоци.