Веспрем одигра маестрално во Сегед и по две сезони пак е шампион на Унгарија!

Екипата на Веспрем ја прекина доминацијата на ПИК Сегед и пак е шампион на Унгарија. Во „мајсторката“ од финалната серија во домашниот шампионат, Веспрем извојува голема победа на гости кај лутиот ривал (27-31) и така титулата од унгарскиот шампионат по две години си замина од Сегедин. Веспрем последен пат беше шампион во сезоната 2018/19, а по корона-паузата во следните две сезони најдобар унгарски клуб беше ПИК Сегед.

Ѕвездениот тим, предводен од Момир Илиќ, имаше брилијантен старт на натпреварот и со квалитетна игра во двата правци го изненади големиот ривал и за краток период се одлепи на четири гола позитива. Беше 2-6, па 4-8 и 5-9 за Веспрем, но неочекувано следуваше голем пад на гостите и ПИК Сегед одлично го искористи тоа, влезе во серија и на полувреме замина со позитива од два гола (14-12).

Бранителот на титулата имаше подобар старт на вториот дел и за првпат поведе со четири гола, но не успеа да го задржи, бидејќи Веспрем го возврати ударот и со серија од 8-3 одново го презеде водството и победе со 18-20.

Во финалните десет минути наместо голема борба, како што се очекуваше, на паркетот завладеа Веспрем и со конечни 27-31 го расплака лутиот ривал и одново е шампион на Унгарија.