• Иван Димовски
Ракометарите на Веспрем неочекувано лесно го преслушаа ПСЖ и го декласираа со 41-28 (18-15). Средбата од второто коло во групата А во Лигата на шампионите не мина според знакот за парижани, бидејќи домаќинот во Унгарија одигра доминантен натпревар.
Стартот на натпреварот беше израмнет, меѓутоа Веспрем бргу фати ритам и почна да се одлепува. Поведе домаќинот со највисоки шест разлика, а на одмор се замина со 18-15. ПСЖ парираше до 22-20, а тогаш Унгарците направија перфектна серија од 12-2 и се одлепија на огромни дванаесет разлика. До крајот индиспонираниот ПСЖ во еден момент губеше и со петнаесет гола, па претрпе тежок и болен пораз.
Микита Ваилупау беше најефикасен на мечот со осум погодоци, додека Недим Ремили постигна еден гол помалку. Кај парижаните се истакнаа Соле и Шипшак со по пет реализации.
Висок триумф забележа и екипата на Спортинг која е на „два од два“. Португалците убедливо славеа на гости кај Фредерисија со 19-37 (8-17). Во оваа група, во која игра и нашиот Еурофарм Пелистер, на врвот со по две победи се Спортинг, Веспрем и Динамо Букурешт.