Веспрем не му го дава Чави Пасквал на Кил

Унгарскиот шампион Веспрем ги демантира шпекулациите околу можното заминување на тренерот Чави Пасквал во германски Кил и потврди дека шпанскиот стратег останува на клупата на клубот.

Во последните денови се појавија информации дека Пасквал преговара со Кил и дека би можел да ја преземе германската екипа. Сепак, од Веспрем јасно порачаа дека Пасквал има важечки договор на уште две години и дека клубот нема намера да ја прекине соработката.

„Чави Пасквал има договор со нас на уште две години и имаме намера да продолжиме по истиот пат заедно. Во согласност со ветувањето дадено во текот на зимата, заеднички ја анализиравме сезоната 2025/26 и сакаме заедно да ги оствариме нашите соништа тука, во Веспрем“, стои во соопштението на клубот.

Шпанскиот стручњак, кој освои три титули во Лигата на шампионите со Барселона, веќе две години го гради проектот во Веспрем и активно работи на создавање уште поконкурентен тим за сезоната 2026/27.

И покрај разочарувањето поради елиминацијата во четвртфиналето на Лигата на шампионите од подоцнежниот финалист Фуксе Берлин, во клубот потсетуваат дека ги исполниле три од четирите главни цели, ја освоиле унгарската титула со максимален учинок, триумфирале во Купот на Унгарија и стигнале до финалето на Светското клупско првенство.

Во новата сезона Веспрем дополнително ќе се засили со голманот Емил Нилсен, кружниот напаѓач Лукас Јергенсен и унгарскиот репрезентативец Имре Бенце.