Веспрем му се одмазди на Киелце, Манасков ќе игра за европска титула

Gol.mk на ракометен Final Four во Келн

Унгарскиот гигант Веспрем е првиот финалист на десеттиот „фајнал-фор“ во Лигата на шампионите, откако сервираше реванш за Киелце за поразот во финалето пред четири години. Попладнево во „Ланксес Арена“ падна Киелце со  33-30 (13-13) за трето финале во историјата на унгарските „црвени“. Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков не доби шанса во текот на 60-те минути од полуфиналето. Натпреварот го водеа македонските судии Николов и Начевски, кои одлично си ја завршија работата. 

  • Извештај од натпреварот: 

Со головите на Благотиншек, Штрлек и Гајуќ од седум метри, Унгарците подобро го отворија натпреварот и поведоа со 3-0. Се разиграа „црвените“, погоди и Наџи, а Штербик со два одбранети зицери им даде уште посилен „ветер в грб“ на соиграчите. 

Штербик му одбрани седмерец на Јанц и Штрлек погоди од десно крило за 6-3 во 12. минута. Иако фатија приклучок, полските ракометари во двете фази на играта заостануваа зад Унгарците.  Сепак, Мае двапати погрешки и Алекс Душебаев и Мамиќ намалија на 8-7. При голот на Хрватот, Арпад Штербик се повреди и мораше да биде заменет со Миклер. 

Веспрем неочекувано влезе во црна серија и со голови на крилата првпат поведе (8-9). Со серија на грешки од двете страни, првиот дел заврши со резултат 13-13 и полна неизвесност околу првиот финалист. 

Вториот дел започна со серија на израмнувања и непостојана игра на двата тима. Цупара ја презеде улогата на Штербик од првиот дел и со серија на одбрани му даде стабилност на тимот.

Во 40. минута Словенецот Благотиншек заработи директен црвен картон и Дејвис остана без клучен човек во играта во одбрана. Сепак, голманот Миклер и одбраната ја направија разликата и со лесни голови на Ненадиќ и Гајиќ на празен гол, унгарскиот првак поведе со +4. Подзаспаниот Циндриќ со првите голови до натпреварот намали на 24-21. Момците на Дејвис делуваа решено да го зададат завршниот удар, но Јанц со два гола намали на 28-27 во 52. минута. Поискусниот тим на Веспрем „на мускули“ го приведе натпреварот кон крај за победа од 33-30. 

Најефикасни поединци кај Веспрем беа Ненадиќ со 12 и Гајиќ со пет погодоци, а во таборот на Киелце се истакнаа Душебаев со седум и Циндриќ и Каралек со по пет гола. Вториот финалист ќе биде познат по одигрувањето на дуелот Вардар – Барселона попладнево од 18:00 часот.