• Зоран Мишевски
Ракометарите на Веспрем го зададоа првиот удар во битката на унгарските гиганти во Лигата на шампионите. Во првиот натпревар од осминафиналната фаза во ракометната елита, Веспрем извојува огромна победа на гости кај лутиот ривал ПИК Сегед (30-37) и е многу блиску до пласман меѓу осумте најдобри во Европа.
Дуелот во „ПИК Арена“ започна фантастично за гостите од Веспрем. Коралес брзо ги „маѓепса“ противниците, а Деска, Фабрегас и Ремили редеа гол по гол. Домашниот стручен штаб повика тајм-аут при 1-6, но налетот на „црвените“ траеше до 3-9. Следеше промена на нападот и со игра „седум на шест“ и со помош на грешките на противникот, ПИК Сегед се врати,
Головите на левораките бекови, на Мартинс и на Фримел ги донесоа „сините“ на -2. Сепак, Јахиа и Касадо го подиграа тимот на Момир Илиќ до 16-20. Со гол од седмерец на десетина секунди до одморот, ПИК Сегед намали на 17-20, резултат со кој се замина на одмор.
И вториот дел започна во знакот на Веспрем. Цврстата одбрана и индивидуаниот квалитет на Јахиа и Ваилупау им донесе највисоки +7 на гостите во 38. минута (19-26). Следеше одговор на ПИК Сегед и Бомбач и Шоштариќ намалија на 24-28 за минута одмор на Момир Илиќ во 41. минута. По советите на српскиот стратег, Веспрем влезе во нова серија и со диминантна игра до крајот извојува убедлив триумф од седум гола разлика.
Деска и Ваилупау со по седум гола беа најпрецизни во таборот на победничкиот тим, а за домаќинот прв стрелец беше Фримел со шест погодоци. Реваншот во Веспрем се игра за седум дена, а победникот од овој двомеч ќе се сретне со дански Алборг.