Веспрем ја продолжи мизеријата на Загреб, Флензбург го сопре ПСЖ на Раул

Унгарскиот ракометен првак Веспрем немаше проблеми кај ППД Загреб (28-35) и ја продолжи лошата низа и му го нанесе тринаесеттиот пораз на хрватскиот шампион во рамки на Лигата на шампионите.

Загреб беше во егал со Веспрем само по првите десет гола на мечот (5-5), а потоа почна доминацијата на гостите. До полувремето избраниците на Дејвис се одлепија на 11-17, а во вториот дел ја потврдија победата.

Мае и Нилсон беа лидери на листата на стрелци со по шест гола, а Македа и Мораеш имаа по четири, додека македонското крило Дејан Манасков стрелаше еднаш. Кај Загреб, Лајметер и Периќ имаа по пет реализации.

Флензбург, пак, во дербито на денот беше подобар од ПСЖ (28-27). Бундеслигашот имаше блескав прв дел по кој водеше со 19-10 против „светците“ на Раул од Париз, па во вториот дел иако францускиот тим дојде на еден гол негатива, немаше време за комплетен пресврт.

Ване со осум гола беше прва виолина кај Флензбург, пред Готфридсон со седум гола, додека кај ПСЖ најмногу се истакна Микел Хансен со седум гола, а Шипжак и Стеинс имаа по четири реализации.