Веспрем и Манасков конечно победија, Душебаев го „торпедира“ Мешков Брест

Ракометарите на Веспрем, по двата порази во Лигата на шампионите, конечно славеа сигурна победа, откако на домашен терен го совладаа тимот на Кристијанштад со убедливи 36-27 (20-14).

Победникот на денешниот меч беше решен уште во раната фаза на мечот, а избраниците на Давид Дејвис на одмор заминаа со позитива од 20-14. Веспрем само ја оддржуваше предноста, стигна и до највисоки +10, за на крајот да слави победа од 36-27.

Дејан Манасков мечот го заврши со три гола од исто толку обиди, а прв стрелец кај унгарскиот тим беше Тонесен со осум гола. Во противничкиот тим најдобар стрелец беше Кринц со осум постигнати гола.

Ракометарите на Киелце на домашен терен, во меч со брз ракомет, го совладаа тимот на Мешков Брест со 34-31. По изедначеното прво полувреме, во продолжение Полјаците беа доминантни и сосема заслужено запишаа нова победа, во групата во која е и нашиот Вардар. Прв стрелец кај Киелце беше поранешниот член на Вардар, Алекс Душебаев со девет гола, а кај Белорусите Шкурински постигна седум гола.