Веспрем и без Ненадиќ и Манасков е класа, го растури Динамо Букурешт

Унгарскиот тим Веспрем прокнижи нова убедлива победа во Лигата на шампионите. На домашен терен фаворитот славеше над Динамо Букурешт (47-32) и се зацврсти на втората позиција по девет кола.

Голема ќе биде борбата за тоа второ место во групата кое води директно во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Веспрем на овој дуел беше без двајца клучни ракометари, нашиот Дејан Манасков и српскиот ас Петар Ненадиќ, меѓутоа лесно се справи со ривалот.

Избраниците на Чави Пасквал се обидоа да парираат, но не можеа. Уште на полувремето беше јасно што ќе се случи на оваа средба, затоа што резултатот во Унгарија гласеше 22-15. Во вториот дел се одигра уште подобро и се запиша убедлива радост.

Најдобар кај стрелците беше Омар Јахја со осум гола, пред Македа со шест, додека Лигетвари стрелаше пет пати. Кај романскиот првак најистакнат беше Хумент Гаминде со седум и Кампос Нант со пет гола.

Ова блескаво издание на Веспрем во нападот донесе и клупски рекорд. 47-те постигнати гола се најмногу досега во еден европски натпревар. Претходниот рекорд беше во сезоната 2006/07, против словачка Поважка Бистрица против која се даде 46 гола.