Веспрем го „здроби“ ПИК Сегед, Манасков постигна четири гола

Дејан Манасков

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков постигна четири гола, вклучувајќи го и оној последниот, во убедливата победа на Веспрем над ПИК Сегед (35-24) во првото соочување од плеј-оф финалето на унгарското првенство.

Тимот на 26-годишното лево крило се стекна со висока предност пред реваншот за три дена и застана на чекор од реванш за минатогодишниот пораз во борбата за шампионскиот трофеј.

Ако беше неизвесно во првиот дел, кој заврши во полза на гостите, сосема спротивна беше сликата во второто полувреме. Домашните навивачи беа сведоци на офанзивна експлозија на своите ракометари кои постигнаа дури 22 гола, а примија само десет.

Лошите 30 минути на тимот предводен од Хуан Карлос Пастор се чини ќе биде пресудно во конечниот исход на финалето.

Драган Гајиќ со девет и Петар Ненадиќ со шест погодоци беа поефикасни од нашиот Манасков на денешната средба.