ВИДЕО: Веспрем го загуби Куп-финалето од ПИК Сегед, Ремили влезе во судир со навивач

Ракометарите на ПИК Сегед се радуваа на трофејот во Купот на Унгарија, совладувајќи го Веспрем со 30-31 (12-15). Натпреварот во „Веспрем Арена“ заврши разочарувачки за домашната публика. 

Гостинот од Сегедин по шест години успеа да го освои ова натпреварување, надигрувајќи го големиот ривал. Уште од стартот ПИК Сегед поведе убедливо со 2-8, а потоа следуваше опуштање. Веспрем се врати делумно во игра, намали на два разлика и на пауза се замина со 12-15. Ниту во вториот дел фаворитот не успеа да се наметне, константно бркаше негатива и во завршницата кога се играше егал беше во подредена улога. На крајот ПИК Сегед го преживеа налетот и стигна до посакуваниот трофеј.

По финишот се случи уникатна сцена, бидејќи француската ѕвезда Недим Ремили влезе во расправија со домашната публика. Тој си размени зборови со еден навивач и сакаше да оди до трибината за да ги расчистат сметките. 

За среќа неговите соиграчи реагираа и го смирија Ремили, деескалирајќи ја ситуацијата.