Веспрем го симна Магдебург од светскиот трон и за првпат го освои Супер Глоуб!

Ракометарите на Веспрем конечно успеаја да го симнат Магдебург од светскиот трон. По трите врзани трофеи, бундеслигашот вечерва во драматично финале и продолженија загуби од Веспрем со 33-34 и не успеа да испише историја и по четврти пат во низа да го освои Супер Глоуб.

Унгарскиот гигант фуриозно го отвори големото финале во Египет и со три врзани гола поведе со 0-3. Но, Магдебург реагираше соодветно и експресно израмни на 3-3. Следуваше период на израмнета игра, па прва серија на бундеслигашот за прво водство од три гола разлика (12-9). Сепак, до крајот на полувремето Веспрем успеа да постигна два брзи гола и на полувреме замина со негатива од само еден гол (14-13). 

На стартот од вториот дел се водеше голема битка и се играше гол за гол, но по 40. минута и резултат 18-18, Веспрем зададе нов удар и со четири гола во низа се одлепи на 18-22. Мегдебург и овој пат успеа брзо да излезе од кризата и ја врати неизвесноста во финалето. 

Во последните пет минути се влезе со 25-27 за четата на Хавиер Пасквал, но Германците не се предадоа и финалето влезе во продолженија (28-28). Во дополнителните десет минути ракометарите на Веспрем беа за нијанса поквалитетни и со минимални 33-34 извојуваа голема победа и за првпат го подигнаа престижниот трофеј за најдобра светска екипа.

Кај новиот светски шампион прв стрелец беше Лудовик Фабрегас со девет гола од десет обиди, а одличен беше и Недим Ремили со осум. Во таборот на Магдебург седум гола постигна Магнусон.