Веспрем доминира во Унгарија, му даде 46 гола на Мезоковезди

Екипата на Веспрем продолжи со одличната низа во домашното првенство, откако на гости го прегази Мезоковезди со 26-46. Гигантот досега има 16 триумфи и сè уште е без неуспех, а со натпревар помалку е на делба со ПИК Сегед на лидерската позиција. Денешната средба ја пропушти македонското репрезентативно крило, Дејан Манасков.

Домаќинот уште на стартот го загуби резултатскиот чекор со Веспрем, кој лесно обезбеди водство од 1-6 по седум минути игра. Мезоковезди се врати само до три гола негатива, но гостинот лесно дојде до недостижна предност на полувреме од 14-22.

Ѕвездите на Веспрем со одлична серија го отворија вториот дел, што беше најава за дебаклот на домашниот тим. Предноста константно растеше, а дуелот заврши со највисоките 20 голови предност. 

Најефикасен играч на средбата беше Гаспер Маргуч со 11 голови, осум даде Штрлек, а поранешниот вардарец Мораеш шест. Кај Мезоковезди со пет реализации најкорисен беше Мате Менихарт.