Веспрем без Манасков покажа доминација на дербито во Сегедин

Големото дерби на унгарското првенство им припадна на ракометарите на Веспрем кои го декласираа големиот ривал ПИК Сегед (24-36) на гостински терен во 19. коло од тековната сезона.

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков не беше дел од дербито, кое целосно ѝ припадна на неговата екипа. Кружниот напаѓач Андреас Нилсон со „пет од пет“ го заврши првиот дел и беше најзаслужен за предноста на гостите по првите 30 минути (14-16).

Сепак, она што ја направи разликата меѓу ривалите беше играта во второто полувреме. Веспрем беше доминантен од почеток до крај и покажа зошто е главен фаворит за титулата во домашното првенство. И по 13 меча остана перфектен, а овој натпревар е одлично загревање за избраниците на Давид Дејвис во пресрет на настапот на завршниот турнир во Келн на крајот од декември.

Ненадиќ заврши со осум, а Нилсон со седум погодоци кај победничката екипа. Мачковчек и Радивојевиќ со по пет гола се истакнаа кај ПИК.