Веселин Вуковиќ е тренерското засилување на Металопластика за СЕХА 

По пауза од шест години, една од најдобрите српски екипи на сите времиња Металопластика се врати во СЕХА лигата. 

Сезоната во домашниот шампионат, поранешниот европски шампион ја заврши на втората позиција, зад првакот Војводина, но и покрај големиот успех раководството на клубот се реши на направи тренерска смена. 

Ѓорѓе Теодоровиќ веќе го напушти тимот, а од синоќа и официјално негова замена ќе биде легендарниот српски стратег Веселин Вуковиќ, кој потпиша договор на две години. 

Вуковиќ е еден од најуспешните тренери на нашиот северен сосед, кога во прашање се успесите со националниот тим. Тој во 2012 година го оствари најголемиот успех, откако на Европското првенство стигна до втората позиција, откако загуби од Данска во финалето. 

Металопластика последен пат беше дел од СЕХА натпреварувањето во сезоната 2012/13.